Пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов, вели дека од следната недела веќе би можеле да се знаат имињата на кандидатите на СДСМ за градоначалници. Тој не потврдува ниту демантира дека е во игра за градоначалник на Град Скопје.
Шилегов денеска на прес конференција изјави дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ доследно го следеле примерот на нивниот шеф Никола Груевски и истите, како што рече, криминално работеле на штета на осиромашените граѓани.
-Доказ за тоа се и пресудите против градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески кој е осуден бидејќи работел на штета на Општината и граѓаните, како и пресудата за Александар Панов кој бесрамно за време на кампања со црни пари купувал гласови. Доказ за тоа е и случајот „Транспортер“ во кој градоначалникот на Битола, Владимир Талески е првообвинет за криминал тежок над 360.000 евра, наши, граѓански пари. Овие примери се само мал доказ за незаконското работење на ВМРО-ДПМНЕ во послоедните 11 години – рече Шилегов.
СДСМ, рече Шилегов, на претстојните избори ќе излезе со чесна понуда на програма и кандидати кои што се професионалци и признаени во своите професии, личности што се препознати од јавноста и кои се подготвени да работат во интерес на граѓаните.