Коѕијас му рекол на Заев дека во Македонија гледа добар сосед

by fokus

Средбата меѓу премиерот, Зоран Заев, и грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас поминала во пријатна и конструктивна атмосфера, соопштуваат од Владата.

Заев и Коѕијас изразиле заедничка определба за продлбочување на довербата помеѓу двете страни, низ принципиелни односи и меѓусебна грижа за интересите на двете држави и на народите во нив, велат владините служби за односи со јавност.

-Само позитивен пристап во решавањето на отворените прашања меѓу државите, со меѓусебно почитување и разбирање, е иднината на регионот – рече премиерот Заев.

На средбата, од двете страни се потенцирани заложби за соодветни решенија за прашањата од заеднички интерес и за евро-атлантските перспективи на целиот регион.

-Ве поддржуваме во евро-атлатските аспирации. Сакаме стабилност во регионот и во вас гледаме добар сосед. Ние припаѓаме на мирољубиви држави. Република Грција нема геополитички и геостратешки интереси кон вашата земја. Отворени сме за ефикасно затворање на проблемите, кои некогаш може да значат и недоразбирања, преку респектирање на интересите на двете држави – порача грчкиот министер за надворешни работи, Коѕијас.

Министерот Коѕијас, како чин на добра волја за продлабочување на соработката меѓу двете земји понуди размена на искуства и експертизи во реформскиот процес во Македонија, важен за ЕУ и за НАТО.

Договорено е да продолжат посетите на високи политички нивоа во процесот на градење на довербата меѓу државите.

Поврзани новости