Скопскиот градоначалник Петре Шилегов во интервју за СКД најавува кандидатура за уште еден мандат на претстојните локални избори.
-Промените кои се случуваа во нашиот се сериозно видливи во сите урбани полиња. Не само инфраструктурата туку и малку поинаков третман на комуналниот отпад, поинаков третман на јавните површини, како и темелно и студиозно работење на најкомплексните работи. Четириесет години се зборувало за трамвај, а ние сме во завршна фаза на имплементација на Бас рапид транзитот или брзиот автобуски превоз. Законот за задолжување е во Собранието и по основ на тој закон ние некаде во април би можеле да создадеме услови да се распише тендер за негова имплементација и очекувам до крајот на 2023 да биде во употреба. Мислам дека сето тоа ми дава за право да побарам од СДСМ да ја поддржи мојата кандидатура за наредните локални избори за повторен избор за градоначалник на Скопје. Јас сум човек што ги почитува постапките и процедурите и имајќи предвид дека сум политички претставник на политички партија ќе барам легитимитет да добијам од мојата партија. Очекувам дека таков легитимитет ќе добијам, а граѓаните сето ова што го работев изминативе години ќе го верификуваат на локалните избори – рече Шилегов.
Тој најавува продолжение на низа постоечки и отпочнување на нови проекти во следниот период.
-Некаде во јуни ќе биде готов мостот во Аеродром кој по големина е како мостот Гоце Делчев. Готов е дел од северниот секундарен сообраќаен прстен тоа е булеварот Босна и Херцеговина и Христијан Тодоровски-Карпош и повеќе добива контури тоа што го зборував 2017 година. До лето ќе биде булеварот Никола Карев од касарна Илинден до Момин поток и улицата Есенинова. Ќе почнеме со преуредување на Кејот кој ќе биде завршен до лето, пролетва ќе стигнат уште нови комунални возила, садиме висококвалитетно зеленило кое не само што влијае за почист воздух, туку ги разубави јавните површини низ градот. Ја вративме депонијата „Дрисла“ во надлежност на Градот. Нешто што создаваше контроверзи седум години откако претходното раководство ја даде под концесија на италијанската фирма, ние го решивме. Ќе го препознаат сето ова граѓаните, убеден сум во тоа. Да не зборувам дека Градот има добра стратегија за инспекциски надзор, гасификација и затоплувањето на домовите – истакна Шилегов.