Шилегов ќе го врати старото име на Универзална сала

by fokus

Универзална сала ќе биде изградена со заедничко финансирање на Град Скопје и Министерството за култура. Салата веќе две години е затворена за посетители, а нејзината изградба предвидено е да почне во 2019 година.

Градоначалникот Петре Шилегов изјави денеска дека има ветил на„ Златните славејчиња“ за јубилејниот 50-ти роденден оти ќе пејат во новата Универзална сала.

Тој смета дека Универзална сала треба да се врати онаква како што била и повторно да претставува културно средиште на нашиот град. Најави дека изградбата на салата ќе биде според најсовремените стандарди за безбедност, удобност на гледалиштето и пристапност. Изгледот и функционалноста ќе бидат задржани со дополнителни содржини за други културни манифестации.

Одговарајќи на новинарско прашање Шилегов посочи дека постојат неколку проекти за Универзална сала но, како што рече, дел се недоразработени, дел се изведени надвор од постапка и процедура, со необезбедени финансиски средства и поради нив Универзална сала е во тешка финансиска состојба. Должи 200.000 евра за проект кој е нарачан, а не се знае од кого и нема средства за негово плаќање. Шилегов додаде дека ќе се најде најоптималното решение и ќе се врати старото име на салата.

Пред две години Јавната установа Центар за организирање приредби Универзална сала Скопје, согласно одлуката на Управниот одбор  го промени својот назив во „Јавна установа конгресен центар Александар Македонски”.

Поврзани новости