Шест лица од Кочани исчезнале изминативе години и не се пронајдени: Чувствувам дека е жива, иако срцето ми е празно!

by Fokus

Перо Петров од Кочани имал 38 години кога исчезнал од својот дом, во август 2011 година, и чија судбина не се знае. Неговата црно-бела фотографија со години стои на страницата за исчезнати лица на МВР, а случајот веќе е паднат во заборав од јавноста. Но, ова не е единствен нерешен случај со исчезнато лице од Кочани.

Уште на пет други лица им се објавени фотографиите и основните податоци, и со години не се знае што се случило со нив. Серафимов Сашко од Оризари, Кочани исчезнал кога имал 41 година, во февруари 2017 година. Истиот месец, истата година, од Оризари, Кочани, исчезнала и Андонова Љубица.

Во периодот кога исчезнала имала 84 години, а на црно-белите фотографии од овие луѓе, објавени на страницата на МВР, дури и не може јасно да им се распознае ликот. Две години пред нив, пак исчезна Марина Арсова од Кочани, со адреса на живеење во Штип. Во времето на исчезнувањето таа имаше 32 години. За неа нејзините родители во повеќе наврати апелираа јавно и бараа било какви информации. Таа имаше сопруг и ќерка која тогаш имаше девет години. Мајката на Марина излезе и пред камери и молеше за помош.

-Чувствувам дека е жива, иако срцето ми е празно. Било каква информација, било кој да помогне да ја најдеме… Нејзини колешки ми кажаа дека последните три дена многу плачела на работа. Мене ми се јави пред да исчезне и ми кажа дека ќе дојде на гости за Нова година, но тоа не се случи – со солзи раскажуваше очајната мајка пред ТВ камерите, и бараше помош и по неколку години од исчезнувањето на ќерката.

Од март 2018 година од Кочани е исчезнат и Стојчо Божинов. И неговите податоци се уште стојат на официјалната страница за исчезнати лица. Имал 59 години кога исчезнал. Последното исчезнување на жена од Видовиште, Кочани се случи лани, во март. Станува збор за Рада Иванова (84), за која од МВР информираа дека исчезнала во Скопје и имала деменција. Вестите за исчезнати лица во земјава се многубројни.

Најчесто семејствата на исчезнатите објавуваат нивни фотографии на социјалните мрежи, молејќи за помош од јавноста. Последниот случај со исчезната жена од Драчево, која по седум дена беше пронајдена мртва без траги на насилство, повторно ги актуелизираше прашањата дали доволно темелно се трага по исчезнатите. Синот на сега веќе починатата, за ,,Фокус” изјави дека од голема помош ќе биде доколку фотографиите на исчезнатите лица уште веднаш по пријавување во полиција се објават во сите медиуми, како и на страницата на МВР, да се лоцираат телефони уште во истиот момент, но и да се вклучат дронови, хеликоптер и кучиња трагачи.

-Првите часови по исчезнувањето можат да бидат клучни за да се спаси живот. Мајка ми не ја спасивме, но ова нека биде апел за во иднина, максимално сериозно да се пристапува кон секое исчезнување – порача тој.

Инаку, од Драчево се трага уште по една жена, 61-годишната сметководителка Виолета Крстевска-Јаневска, која исчезна лани во март. Таа немала здравствени проблеми и била сериозна жена.

Вики Клинчарова

Поврзани новости