Шест децении Радио Кавадарци: Преживеавме, оти граѓаните не се откажаа од песната!

by fokus

Информативни и забавно – рекреативни програми, од свадбарски до забавни песни, емисии за исполнување на музички желби со кои кавадарчани ги поздравуваат своите сограѓани по повод родендени, крштевки, па и најобични седенки се дел од програмата на локалното Радио Кавадарци веќе шеесет години.

Со децении наназад во градот на виното речиси во секој дом утрата започнуваат со популарното радио, кое успеа да ја преживее транзицијата и продолжи со непречено емитување.

Веќе 11 години во приватна сопственост, Радио Кавадарци е гордост и голема пасија на сопственичката Трајанка Митрова. Вели дека во изминативе години како музички уредник и сопственик на радиото успеала да создаде една нераскинлива врска со слушателите, и на својата работа гледа како на големо задоволство, а не на обврска.

-Горда сум што од некогашните 29 здружени радио станици во земјава Радио Кавадарци успеа да се трансформира и да продолжи со работа, и е една од двете станици која освен што опстана во тешките времиња, го достигна и врвот во слушаност.
Според анкетите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на Република Македонија, Радио Кавадарци веќе четврта година по ред е убедливо најслушано радио од локалните радио станици во Македонија, додека пред неколку години на манифестацијата „Златни мелос 2014“ во Србија, освои музичко признание за најдобро музичко радио во Македонија, кое прв пат се доделува за радио надвор од границите на Србија – раскажува сопственичката.

Таа додава дека покрај големата љубов на вработените кон својата професија, пресудна за успех била и поддршката на слушателите. Кавадарчани едноставно свикнале да се будат и да заспиваат со радиото, а голема била и слушаноста преку интернет во дијаспората.

-Годинава славиме шест децении во етерот. Кога ме прашуваат на што ни се должи успехот и долготрајноста, знам да кажам дека ова е боемски град, а со добро вино најдобра комбинација е добрата песна. Радио Кавадарци преживеа благодарение на поддршката од слушателите, ние сме еден потсетник на минатите времиња, но и сопатник во сегашноста на граѓаните.

Веќе знам што сакаат моите слушатели и без да ми кажат, посветена сум на мојата работа и секогаш избирам песни како за моја душа. Не сум згрешила во изборот, и драго ми е што ја одржав лојалноста на слушателите сите овие години. Рушиме рекорди на слушаност на интернет, претставуваме мост кој ги поврзува нашите сограѓани низ светот – вели Митрова.

Се надевала дека нејзините ќерки ќе ја продолжат традицијата, бидејќи и двете покажувале голем интерес за работата во радиото, а постарата веќе завршила студии по новинарство, и наскоро ќе магистрирала на Менаџирање на стратегиски комуникации во Институтот за комуникациски студии.

Во Кавадарци има многу анегдоти поврзани со радиото. Контактни емисии во кои граѓаните искажувале интересни ставови, најразлични вести поврзани со животот на кавадарчани и нивното секојдневие, но и приказни за солидарноста и сплотеноста на сограѓаните во Тиквешијата.

По повод јубилејот, Митрова вели дека желба и е радиото да трае, да продолжи да биде еден вид на белег на градот, но и да прерасне во регионална музичко – говорна станица.

Вики Клинчарова

Поврзани новости