Десетгодишната љубов на коалиционите партнери во власта кои скришно и тајно се договараат за тендери, седнати во фотелји, гушнати и сполотени за личните интереси, за граѓаните го создаваат тоа што деновиве го гледаме, а сме го виделе и порано. Поставувањето на орелот и на крстот се игра на национална, етничка и на верска основа, а во таа игра, оваа карта секогаш им е како кец на десетка, особено пред избори или како предвесник на нелагодно нешто што се очекува да се случи.
Кога во сиромашна држава како што е Македонија окупирана од политички врв без план за идина и за просперитет на граѓаните, искрите на национализмот и на верата ќе бидат единствен начин да се разгори уште еден оган со кој лесно ќе се стопли гласачкото изнемоштено тело од студот на немаштијата.
Партиите тоа добро го знаат. Знаат дека нивните неумешни политики се причина за создавање револт во секојдневнието на граѓанинот чиј живот е исполнет со немаштија и неправда, тој револт мораат да го насочат во друг правец. Па наместо да се впери прстот на бес во причинителите на такава ситуација во која се наоѓаме и во поттикнувачите на таа национална и на верска омраза, прстот ќе се впери во оние кои ти како граѓанин можеби лично не ги знаеш ни познаваш, но преку ваквите подмолни интриги ќе ти биде сервирано бргу и инстантно да ги мразиш затоа што можеби верски и национално се различни од тебе.
А народот во Македонија очигледно слабо памти и тука е главен проблем, кој те лажел, манипулирал и втурнувал во вакви сценарија со години, повторно ќе те лаже и ќе те манипулира во иднина. И сѐ така ќе биде додека не се стави крај на шекспировата љубов на ДПМНЕ и на ДУИ и конечно македонците и албанците ќе стават крај на нивната сценирана и наметната долгогодишна омраза.