Шекеринска за прв пат на официјален состанок на НАТО: Ова е историски момент за нас и за Алијансата

by fokus

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, е првиот наш министер кој денеска во Брисел учествува на официјалниот состанок на министри за одбрана на Северноатлантскиот совет на НАТО.

Започнувајќи го состанокот, Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и упати добредојде на министерката Шекеринска и изрази  задоволство што таа учествува на министерскиот состанок.

„Ова е историски момент за нас и за Алијансата. Заедно поминавме низ многу предизвици. Заедно остануваме одлучни да ја браниме слободата, заедничкото наследство на нашите народи, базирани на принципите на деморкатијата, индивидуалните слободи и владеењето на правото“, рече Шекеринска пред министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО.

Цитирајќи го Винстон Черчил, министерката рече дека сме свесни дека ова е „крај на почетокот“ и дека сме подготвени да се соочиме со новите предизвици. Таа рече дека нашата татковина беше партнер на Алијансата долги години и во тие години покажавме дека сме доверливи, посветени и флексибилни. „Како полноправен член, Алијансата може да смета на нас како способни и подготвени да дадеме придонес кон колективната мисија за заштита и одбрана на нашите заеднички демократски вредности“, додаде министерката.

Шекеринска посочи дека одбранбениот буџет е во пораст, согласно насоките од Алијансата за издвојување на 2 проценти од бруто-домашниот производ, а дека сме и во фаза на имплементација на Стратегискиот одбранбен преглед. Таа додаде дека Армијата е посветена да биде проактивен дел од структурите и мисиите на Алијансата и дека се во тек реформите за развој на интероперабилни воени сили, како дел од најуспешната одбранбена алијанса во светот.

„Отворените врати за Република Северна Македонија во НАТО се доказ дека Алијансата е динамична институција која гледа кон иднината и може да се носи со предизвиците на одбраната и денеска како и пред 70 години. Република Северна Македонија е со вас. Се радувам на нашата заедничка иднина“, заклучи министерката Шекеринска.

Поврзани новости