Грчката војска подготвена да и помогне на македонската во градењето на капацитетот

by fokus

На маргините на министерскиот состанок за одбрана на НАТО денеска министерската Шекеринска оствари меѓу другото средба со својот грчки колега, Евангелос Апостолакис, јави дописничката на МИА од Брисел.

Министрите се договориле дека соработка меѓу двете земји треба да се интензивира сега кога е решен спорот за името.

Грчкиот министер за медиумите изјави дека со македонската колешка разговарале за имплементацијата на членот седумнаесет од Преспанскиот Договор, кој се однесува на соработката во одбраната. Според овој член двете страни треба да ја зајакнат и зголемат соработката во оваа област, меѓу другото преку трансфер на знаење и градење на капацитети, како и размена на информации и заеднички воени вежби, гласи договорот од Преспа.

-Во овој контекст и ставив на знаење дека хеленските вооружени сили се во можност да помогнат во градењето на капацитетот на вооружените сили на соседот за да можат брзо и глатко да се прилагодат на Алијансата, порача Апостолакис.

Шекеринска, преку соопштение, повторно ја нагласи важноста на Преспанскиот Договор.

-Ова се историски моменти кои немаше да бидат возможни без лидерството во двете земји, но и чувството на одговорност кај двете влади – одговорност да придонесат нашиот регион да биде стабилен, мирен и просперитетен. После долго и загубено време, нашите влади имаа храброст и одлучност да погледнат кон иднината и да сфатат дека компромисот е најголемата победа, стои во соопштението од кабинетот на министерката.

Освен со Апостолакис, министерката за одбрана денеска се сретна и со колегите од Британија, Канада, Бугарија, а до крајот на денот треба да оствари средба и со турскиот и белгискиот министер за одбрана.

Поврзани новости