Шекеринска во Вермонт се сретна со гувернерот Фил Скот и генерал-мајор Стивен Креј

by fokus 09:52
09:52

Во рамките на официјалната посета на САД, министерката за одбрана Радмила Шекеринска ја посети сојузната држава Вермонт каде се сретна со гувернерот Фил Скот и со командантот на Националната гарда, генерал мајор Стивен Креј, соопшти Министерството за одбрана.

Националната гарда на Вермонт и Армијата на Република Македонија имаат одлична, речиси 25-годишна, соработка во текот на која повеќе од 7.000 припадници на Министерството и Армијата се запознаа со стандардите, тактиките и техниките на работење на Националната гарда, вооружените сили на САД и НАТО-алијансата.

На средбата со гуверенерот Скот, министерката Шекеринска се заблагодари за поддршката во развојот на соработката на АРМ и националната гарда на Вермонт,  која помогна во реформите на АРМ на патот кон достигнување на стандардите на НАТО.

Шекеринска посочи дека местото на Македонија е во НАТО и дека и Владата и граѓаните се цврсто посветени да ја достигнат таа цел.

– Имплементацијата на реформите во одбранбениот сектор ги развива капацитетите и способностите на АРМ во согласност со стандардите на НАТО, за што добиваме голема поддршка од американската влада, државата Вермонт и Националната гарда на Вермонт,  рече таа.

Министерката Шекеринска и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј, како што е посочено во соопштението, се согласија дека партнерството на АРМ со Националната гарда е еден од најуспешните примери за соработка.

– Повеќе од две децении Македонија и САД имаат соработка во одбраната базирана на динамичко партнерство, која е од полза за мирот, слободата и безбедноста во пошироки рамки, рече Шекеринска.

Поврзани новости