Шекеринска во Вашингтон бара поддршка за евроинтеграциите

by fokus

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска ја започна првата посета на САД на еден претставник на македонската Влада по смената на американската администрација и доаѓањето на новиот американски претседател Бајден. Како што рече Шекеринска, посетата ќе ја искористи да ги пренесе  пораките за уште еднаш да се потврди стратешкото партнерство и сојузништво помеѓу двете земји.

-Многу е важно што ќе имаме прилика на овие средби кај сите претставници и на Пентагон и на американскиот Стејт Департмент да ги испратиме за нас важните пораки. Првата таква порака е дека како држава покажавме дека и по нашето членство во НАТО ние сме сојузник на кој и НАТО и САД можат да сметаат – рече Шекеринска.

Таа порача дека од американските претставници во Пентагон и во Стејт Департментот ќе побара новата американска администрација, предводена од претседателот Бајден, да го задржи фокусот и интересот кон Балканот и да даде силна поддршка за интензивирање на нашиот европски пат.

-Само целосна Европа, само обединета Европа, само Балкан интегриран во Европа може да гарантира безбедност и сигурност на целиот регион, а тоа е целта и на НАТО и на Европската Унија и на сите нас кои што сме дел од евроатлантското семејство – порача министерката за одбрана.

Поврзани новости