Австралија склучи пакт со САД и Британија на штета на Франција

by fokus

САД го објави формирањето на големо безбедносно партнерство со Австралија и Британија во зоната на Индо-Пацификот, кое вклучува испорака на подморници на нуклеарен погон на Австралија.

Првата последица на тој пакт е што Австралија го прекина огромниот договор склучен со Франција за испорака на конвенционални подморници, што предизвика гнев на Париз.

Новиот пакт наречен Аукус се гледа како обид на земјите за здружување наспроти јакнењето на Кина.

Безбедносниот сојуз ќе дозволи поголема поделба на одбранбените капацитети, вклучувајќи ја помошта за Австралија во опремување со подморници со нуклеарен погон.

-Првата голема иницијатива на Аукус ќе биде испорака на флота подморници на нуклеарен погон на Австралија – изјави австралискиот премиер Скот Морисон на видео-конференција заедно со својот британски колега Борис Џонсон.

Со настанот синоќа претседаваше претседателот на САД Џо Бајден во Белата куќа.

Франција, на која со ова и е прекинат договор од 90 милијарди австралиски долари (56 милијарди евра) за нејзината поморска индустрија, веднаш ја осуди таа одлука, наведувајќи дека е „за жалење“.

Во заедничкото соопштение на министерствата за одбрана и надворешни работи наведено е дека одлуката е спротивна на духот и договорите за соработка на Франција и Австралија.

Сепак, Бајден синоќа кажа дека САД сакаат да соработуваат со Франција во таа стратегиска зона и дека Париз е клучен партнер на САД.

Поврзани новости