Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска ја започна првата посета на САД на еден претставник на македонската Влада по смената на американската администрација и доаѓањето на новиот американски претседател Бајден. Како што рече Шекеринска, посетата ќе ја искористи да ги пренесе пораките за уште еднаш да се потврди стратешкото партнерство и сојузништво помеѓу двете земји.
-Многу е важно што ќе имаме прилика на овие средби кај сите претставници и на Пентагон и на американскиот Стејт Департмент да ги испратиме за нас важните пораки. Првата таква порака е дека како држава покажавме дека и по нашето членство во НАТО ние сме сојузник на кој и НАТО и САД можат да сметаат – рече Шекеринска.
Таа порача дека од американските претставници во Пентагон и во Стејт Департментот ќе побара новата американска администрација, предводена од претседателот Бајден, да го задржи фокусот и интересот кон Балканот и да даде силна поддршка за интензивирање на нашиот европски пат.
-Само целосна Европа, само обединета Европа, само Балкан интегриран во Европа може да гарантира безбедност и сигурност на целиот регион, а тоа е целта и на НАТО и на Европската Унија и на сите нас кои што сме дел од евроатлантското семејство – порача министерката за одбрана.