Со учеството на Самитот на НАТО, нашата татковина ја потврди определбата за целосно споделување на принципите за заедничка безбедност и за градење силни трансатлантски односи со најмоќниот воен и политички сојуз заснован на демократски вредности, изјави предмалку на прес-конференција министерката за одбрана и заменик-претседател на СДСМ, Радмила Шеќеринска.
-Обезбедивме цврсти граници за безбедна иднина на нашите деца, за сите наши граѓани. Процесот на ратификација на Протоколот за пристапување е на самиот крај, останува само уште Шпанија. Веќе е извесно дека влегуваме во безбедносен штит на најмоќниот воен сојуз во светот. Трајно ќе ги заштитиме нашите граници и територија и стануваме фактор за стабилност во регионот – рече Шекеринска.
Таа додава дека НАТО не носи придобивки само за безбедноста и стабилноста, туку, како што рече, и за економијата и развојот на целокупното општество.
– Откако се откочија интеграциите и стана извесно дека сме на прав пат и дека стануваме членка на НАТО, сумата на странски инвестиции значително порасна. Во периодот од јули 2013 – јуни 2015, има 457 милиони евра странски директни инвестиции. Во периодот од јули 2017 – јуни 2019, има 741 милиони евра странски директни инвестиции – рече Шекеринска.