Наместо од призмата „што дадовме“, договорот со Грција треба да го гледаме од перспективата „што добивме“, вели министерката за одбрана Радмила Шеќеринска во интервју за грчкиот весник Ефимерида, додавајќи дека двете земји и целиот регион имаат добивка договорот.
– Говорејќи стратешки, на Балканот, кога две земји имаат меѓусебни проблеми сите ние страдаме. Кога две земји решаваат еден проблем, сите ние добиваме. Секако, Балканот е комплициран, тоа е повеќефакторна партија шах, но знаеме дека е во интерес на сите нас да го осигуриме овој дел од Европа, а овој договор, ние го третираме како поддршка кон оваа заедничка желба – вели Шекеринска, според која сега бил реткиот временски момент кога владите и во двете земји имаа политичка волја да се реши проблемот.
Во однос на реакциите од најголемите опозициски партии во двете земји, ВМРО-ДПМНЕ и Нова демократија, Шеќеринска вели дека тие се другото лице на монетата.
– Јас двајцата ги нарекувам „Мицко-такис“, според имињата на двајцата лидери, Мицкоски и Мицотакис. Тие се другото лице на истата монета. Кога ги читам изјавите во Атина и не знам кој го кажува тоа, си мислам дека говори опозицијата во Скопје и обратно. Се вели дека кога еден компромис се соочува со толку силно противење и од двете страни, веројатно дека е праведен компромис – смета таа.
На прашањето дали стабилноста и стравот од дестабилизација биле факторите што воделе кон компромис, Шекеринска објаснува дека амбицијата и просперитетот на земјата биле главните цели.
– Мојот став е дека движечката сила што нѐ поттикна кон договор не беше стравот, туку амбицијата. Наша прва цел не беше само да донесеме стабилност, туку и да обезбедиме просперитет за земјата – вели министерката за одбрана.