Состојбите во економскиот сектор и моменталната општествено – политичка ситуација во државата, во овој историски момент, пред влез на Македонија во НАТО и ЕУ и пред референдумот беа темите во фокусот на денешната средба на министерката за одбрана Радмила Шекеринска со приелпскиот градоначалник Илија Јованоски.
Според Шекеринска, Прилеп е најдобриот пример за цивилно-воена соработка помеѓу прилепската касарна и локалната самоуправа и покажува дека кога се работи заедно, со една цел, одличните резултати брзо се видливи.
– Денеска и официјално почнува дискусијата во Македонија, околу историското прашање и историската одлука која нашата држава треба да ја донесе. Општина Прилеп, само во последниот период искористи околу 20 милиони евра европски пари за решавање на проблемот со пречистителната станица, 10 милиони евра се инвестирани во „Дата центарот“во Прилеп, 10 милиони евра се инвестираат во системот за заштита од поплави, поврзан со цела Пелагонија. Тоа се 40 милиони евра европски пари, кои влегуваат во Прилеп и Прилепско само за три големи проекти, изјави Шекеринска.
Тоа на прв поглед, рече, е многу, меѓутоа ако ги споредиме со оние 5 милијарди евра, што Словенија успеа да ги искористи само во првите неколку години на користење европските кохезиони фондови, ни покажува кој е потенцијалот и шансата што Македонија ќе ја има на 30 септември, кога ќе ја носиме одлуката дали сме, или не, за европска Македонија.