Јанушев: Најголемиот дел од граѓаните е за влез во НАТО и ЕУ, но жестоко се противи на капитулантскиот договор

by fokus

Општиот грабеж кој во моментов го спроведува криминалниот картел на власт предводен од Зоран Заев се обидува да го покрие со нови поделби на граѓаните, обвини денеска генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

-Не е европска вредност државата да биде водена од премиер кој е два пати аболициран за криминал. Ваквото криминогено однесување на власта не може да се сокрие со поделбата на народот на проевропски и антиевропски. Господине Заев, најголемиот дел од граѓаните е за влез во НАТО и ЕУ, но жестоко се противи на капитулантскиот договор што го потпишавте со нашиот јужен сосед.Договорот што го потпишавте со Грција значи бришење на македонскиот идентитет. Со капитулантскиот договор се менува името на Република Македонија, се менува уставот на Република Македонија, македонскиот јазикот, македонската националноста, македонската културата, македонската историјата и традицијата. Република Македонија не само што се откажува од Македонците надвор од границите на државата, туку се откажува од сето она за кое што се бореле нашите предци и за сето она што ни е дадено да го чуваме во аманет. Да се поистовети несогласувањето со ваквиот штетен и капитулантски договор со неприфаќање на европските вредности е невидено потценување токму на македонската народ, рече Јанушев.

Поврзани новости