Нашата цел е да ја приближиме Македонија во нашата заедничка стратешка посакувана цел, членство во НАТО, изјави вчера новата министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска.
„За таа цел ни треба професионална армија, ни треба достоинствена армија, со вистински добри услови за работа, за таа цел ни треба и правна држава која ќе гарантира дека Македонија е вистински дел од евроатланската алијанса. Ќе работам на исполнување на оваа заедничка цел и ќе покажам како и во минатото дека жените не бараат поинаков третман.
Македонија стана земја кандидат за членство во Европската унија дури и без да го решава проблемот кој го има нашиот јужен сосед со нашето уставно име. Ние како влада испративме јасна порака – сакаме добри односи со соседите, сакаме да ги решаваме прашањата и споровите кои не мачат, но пред се сакаме да направиме стабилна и демократска држава која заслужува да биде членка на НАТО и ЕУ и тоа и ќе го направиме“, рече Шеќеринска.