Шекеринска на роденденот на ДУИ: Колку сме биле будали што порано не дозволивме образование на албански

by fokus

Поранешната потпретседателка на СДСМ и министерка, Радмила Шекеринска денеска беше дел од панелот организиран од Форумот на жени на ДУИ по повод 20 години постоење на партијата. Шекеринска во својот говор порача дека образованието на мајчин јазик е и економско разумно.

-Прв пат излегов на телевизија и се залагав дека употребата на мајчиниот јазик за никој не треба да биде опасност и кога после 20 години политички кавги, конфронтации дури и конфликти ќе погледнете и ќе видите стотина млади луѓе кои се пријавуваат за испит и ќе си кажете колку сме биле будали. Колку сме го потрошиле времето негледајќи дека образованието е најдобрата инвестиција која може да ја направи државата кај сите млади за сите заедници. Честопати зборуваме за еднаквост и кога зборуваме за еднаквост во Македонија, обично првата асоцијација е етничките односи, меѓутоа дури и ако зборуваме за еднаквоста во поголема широчина ќе кажеме дека еднаквоста не е само морална обврска, значи сите луѓе се родени еднакви, туку е и рационална одлука, порача Шекеринска.

Таа додаде дека ако Албанците немаат право на образование на албански јазик помалку ќе одат на универзитет, ако одат помалку на универзитет помалку ќе можат да помогнат на економијата и тоа покажува дека еднаквоста треба да ја гледаме и како политичка и како економска разумност.

-Тоа е аргументот којшто честопати заборававме да го кажеме. Ама денеска сме тука не само да го славиме јубилејот на ДУИ, туку и да честитаме на жените во ДУИ и затоа пораката и до претседателот на ДУИ и до неколкумина храбри мажи овде е дека истата логика важи и за еднаквоста меѓу мажите и жените. Неразумно е, настрана што е морално погрешно, да не го искористите капацитетот на 50% на вашето население, на 49 % од вашите членови“, истакна во нејзиниот говор Шекеринска.

Поврзани новости