Откако Али Ахмети откри дека на денешната средба со грчкиот министер за надворешни работи разговарале за компромисно решение за проблемот со името, реагираше Радмила Шеќеринска од СДСМ, која вели дека веќе не се знае која преговара за името на Македонија, а цената на тие опасни игри ја плаќа државата.
-Во „Вистината за Македонија“ чувме дека тоа е бизнис-партнерот на Груевски. Сега преку партиски соопштенија читаме дека тоа се неговите коалициски партнери. Опасно несериозен однос за едно од најсериозните прашања за Македонија и за сите нејзини граѓани. Јасно е: вака не се води, туку се урива државната политика, изјави Шеќеринска за Мета.
Таа додаде дека на сите им е јасно дека ова е уште една реприза на партиските игри на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, која се повторува пред секои избори: еден ден во неделата глумат скарани, а другите шест покажуваат голема коалициска „љубов“.