Активистите на Шарената револуција ги повикаа пратениците да го бојкотираат Собранието, се додека не се утврди уставноста на Специјалното јавно обвинителство.
-Пратеници, за да покажете дека стоите во одбрана на правдата, суверенитетот на граѓаните и Уставот, од вас бараме да не учествувате во работата на Собранието се додека Уставниот суд не се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство и се додека не се гарантира учество на претставници на граѓанскиот сектор во разговорите и преговорите за излез од политичката криза, во улога на набљудувачи, извествувачи за јавност и консултанти. – стои во јавниот повик на Шарената револуција.
Во повикот тие потсетуваат и на барањата на Шарената револуција и тоа: целосно запирање на прогонот врз демонстрантите, оставка од актуелната влада на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ и формирање на преодна влада, формирање на специјално одделение во кривичниот суд надлежно за случаите под надлежност на СЈО и оставка на претседателот Ѓорѓе Иванов.