Двојни стандарди за Двојче

by fokus 21:31
21:31

пишува Драган Алчинов

Во овие десет години владеење Режимот во многу наврати ја користеше мерката притвор како инструмент за пресметка со политичките неистомисленици. Ставајќи го судството целосно под своја власт, Груевски по брза постапка им пресудуваше на опонентите. Луѓе завршуваа во притвор само затоа што се ,,дрзнуваа’’ да размислуваат спротивно на Пастирот. Со тоа власта демонстрираше моќ и сееше страв. Пораката беше јасна: секој беше потенцијален обвинет и секој можеше да добие спектакуларно апсење и да одлежи во притвор, ако Режимот така наумеше.

Од мало значење за Режимот беше тоа што Уставот на Република Македонија гарантираше дека слободата на човекот е неприкосновена и дека истата може да биде ограничена само во случаи и постапка утврдени со закон и со одлука на суд. Од уште помало значење, пак, беше фактот дека со примената на мерката притвор се повредува начелото на пресумпција на невиност, се прави штета по угледот на притворените граѓани и се загрозува правната сигурност. Формалните елементи на постапката лесно се задоволуваа, а судиите под притисок одредуваа притвор и во оправдани и во неоправдани случаи.

За ова сведочат и извештаите на релевантните меѓународни организации и на Народниот правобранител кои сигнализираа дека мерката притвор премногу често се користи и дека е израз на политичкото влијание врз судството. Организациите, омбудсманот и експертите им порачуваа на судиите дека треба да бидат особено внимателни при примената на мерката притвор и како да се студенти во прва година на правни студии им укажуваа на тоа дека секој е невин с  додека не се докаже спротивното и дека вината на осомничениот односно обвинетиот сѐ уште не е докажана и можеби нема ни да се докаже. Ги потсетуваа дека мерката притвор има за цел да обезбеди присуство на обвинетиот пред надлежен суд, да го отстрани влијанието на обвинетиот врз постапката или се оправдуваше нејзиното користење доколку постои оправдан страв од понатамошно криминално поведение на обвинетиот и ги повикуваа судиите на употреба на други поблаги мерки кои можат да ја постигнат истата цел во повеќето случаи.

Нарушени слободи

Сепак и покрај сите укажувања и повици, судиите извршувајќи ги желбите на Режимот длабоко задираа во уставно загарантираната слобода на човекот и определуваа мерка притвор според преференциите на власта. Сосем накратко да се потсетиме на некои случаи. Новинарот Томислав Кежаровски во еден процес сличен на оној опишан од Франц Кафка во притвор помина 2 години! Душко Илиевски– во јавноста познат како Душко Млекарот од Битола беше притворен во еден монтиран процес, само затоа што јавно проговори за проблемите во македонското земјоделство. Претседавачот на Советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ помина цели 8 месеци во притвор во затворот Шутка, само затоа што поради неговото претседавање со Советот на Општината не можеше докрај да се реализира проектот ,,Скопје 2014’’. Не би имале сега доволно простор да зборуваме и за сите помпезни акции на МВРО-ВМРО во кои со асистенции на специјалните единици се апсеа лекари, вработени на патарина, бизнисмени, професори… и на кои судот експресно им одредуваше мерки притвор. Заклучокот е дека судот ги исполнуваше сите хирови на Режимот и наместо да биде заштитник на правата на граѓаните, се претвори во инструмент за авторизација на неправдата.

Но, кога дојде ред Специјалното јавно обвинителство да покренува истраги и обвинителни акти и да бара од судот примена на мерката притвор поради оправдано сомнение дека осомничените и обвинетите ќе влијаат врз текот на постапката или дека ќе ја напуштат земјата, судот одлучи да биде екстремно мек во своите постапувања со режимските пулени. Сосема е оправдан сомнежот дека градоначалникот Владимир Талевски ќе влијае во насока на тоа да се прикријат или уништат трагите на кривичното дело за кое се товари, односно дека со својата политичка положба и општествена моќ ќе врши притисок врз сведоците и соизвршителите со што директно ќе врши попречување на правдата. Нема сомнеж дека и Горан Грујевски, началникот на Петтата управа на Управата за безбедноста и контраразузнавање ќе врши големи притисоци врз истрагата и сведоците, но и врз самите обвинители и судии.

Така иако новинари, лекари, политичари, земјоделци, професори итн. кои не беа во позиција да вршат влијание врз истрагата, сведоците и правосудството беа апсени во спектакуларни акции и притворани во случаи со политичка позадина, сепак судот применува двојни стандарди кога станува збор за луѓе блиски на Режимот. Одеднаш судот се сети дека не мора секогаш да се применува мерката притвор, туку во некои случаи е доволно само да му се одземе пасошот на обвинетиот. Или, не мора обвинетиот да лежи во притвор во затвор, туку може да го помине определениот временски период на притвор во удобноста на својот дом. Така над Двојче судот реши да ги демонстрира своите двојни стандарди и да покаже како може истиот суд да држи во притвор вработени на патарини кои биле фатени како примаат 50 денари мито, а на градоначалникот кој со своето коруптивно дејствување злоупотребил 360.000 евра му овозможи 30 дневен престој во сопствениот климатизиран дом.

Судот стана адвокат на Режимот

Судот заборави дека слободата има непроценлива вредност. Судот му стана адвокат на Режимот и целосно заборави дека негова цел беше преку процесот на правораздавање да обезбеди прогрес кон остварување на правдата. Наместо да служи како брана која ќе ја сопира власта во нејзините посегнувања против човековите права и слободи, судот стана главен инструмент во реализација на неправдата. А и како не би било така, кога јасно слушавме во ,,бомбите’’ како се местеле судии и јавни обвинители според степенот на близина со власта. А во ,,бомбите’’ слушавме и кој ги донесува пресудите, уште пред воопшто да биде покрената истрагата.

Праксата на македонското судство укажува на неопходноста од длабоки реформи и враќање на судот на својата изворна функција. За жал, во сегашната ситуација реформи на судскиот систем се невозможни. Шарената револуција и преговарачите од опозицијата мораат да се изборат за специјално одделение во рамките на Кривичниот суд кој би добил целосна надлежност врз случаите покренати од страна на Специјалното јавно обвинителство. Само така ќе можеме да се надеваме на правда.

Поврзани новости