Шампионот Стаменковски ќе собира донации пред градски пазар за да оди на првенство!

by fokus

Светскиот шампион во паурлифтинг, Бошко Стаменковски од Македонска Каменица, утре пред градскиот пазар во родниот град ќе собира донации од хумани граѓани, со цел да си ги покрие трошоците за учество на Европски натпревар во паурлифтинг во Полска.

Вели дека ниту општината, државата и Агенцијата за млади и спорт немаат слух за него како за истакнат спортист, па пред секое првенство мора да трча по спонзори и да бара донации, за да ја претстави нашата земја.

,,На 28 јуни треба да заминам во Полска, на Европско првенство во паурлифтинг и бенчпрес. Си купив авио билет, уплатив за хотелско сместување, не ми е платено уште учеството од 95 евра и ми требаат средства за по пат. Општината демек не функционира, нема каде да се достави писмо, било какво барање, но и во минатото кога им доставував, не добив повратен одговор” – раскажува шампионот.

Тој додава дека со цел да ја алармира јавноста за проблемите со кои се соочуваат многу спортисти, се решил на овој чекор, собирање на донации пред пазарот во Македонска Каменица, за да замине на натпревар.

,,Во државните институции традиционално постои еден лавиринт, во кој што речиси секој спортист се губи. Во изминатиот период учествував на многу првенства, од сите се вратив со награди, а ми остана и кредит од 10.000 евра, кој што допрва треба да го отплаќам. Без позјамица, тешко дека ќе можев да учествувам на натпреварите ширум светот и Европа”- вели Стаменковски.

Четириесетишест годишниот спортист редовно и носи злато на Македонија, а во април поради немање средства замина автостоп во Врање, соседна Србија, на натпревар, од каде што исто така се врати со злато.

Вики Клинчарова

Поврзани новости