Шакле е уредник во телевизијата на Владиката Петар, уште не се откриваат имињата на вработените новинари

by fokus

Битолчанецот Благоја Шаклевски – Шакле е главен и одговорен уредник во В ТВ – Вистинска телевизија, чиј сопственик е Владиката Петар.
Шаклевски е долгогодишен новинар и поранешен советник во битолскиот општински Совет, како и поранешен портпарол на ОК ВМРО-ДПМНЕ Битола.

За Шаклевски, познат помеѓу битолчани како Шакле, во 2016 година беа актуелни шпекулациите дека може да дојде на чело на на општината, во периодот додека тогашниот градоначалник Владимир Талески беше во домашен притвор, но сепак тој не беше назначен за заменик градоначалник на Битола.

Неговото име е истакнато на официјалната страница на телевизијата, во импресумот, но освен неговото, во делот ,,Импресум” и во делот ,,Наш тим”, не се објавени имиња на останати уредници и новинари кои работат во телевизијата.

Ниту еден од објавените текстови не е потпишан од новинар, туку на крај на текстовите стои – Редакција В ТВ. Не е познато кои се новинарите кои ги вработил владиката, ниту колку вработени има во неговата телевизија.

Засега на страницата има четири рубрики, и тоа Македонија, Свет, Спорт и Магазин.
Реклами, барем засега, нема на официјалната страница на телевизијата.

Околу тоа како се снаоѓа во новата улога, како сопственик на телевизија и дали е задоволен од гледаноста, не успеавме да добиеме одговор од Владиката Петар, бидејќи тој не одговори на нашите телефонски повици.

Веста дека Митрополитот преспанско-пелагониски, Владиката Петар, ќе отвора телевизија одекна во земјава пред неколку месеци, а јавноста прашуваше какви содржини ќе се емитуваат.

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги тогаш информираа дека било предвидено е да се емитуваат информативно – забавни програми, образовно – забавни програми, актуелно-информативни програми, специјализирани информативни емисии, образовни програми, документарни програми, спортски и музички програми, квизови и друга забавна програма и играна програма.

Како потсетување, Вистел започна да зрачи во етерот на први мај, а помеѓу првите емитувани содржини беше емисија во која Македонци си бараат жени во Русија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости