Процесот на реорганизација и оптимизација на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби ќе продолжи, а отворена опција за намалување на вработените во јавниот сектор се пакетите за трансфер на овие вработени во приватен сектор, рече денеска на прес-конференција новиот министер за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири од ДУИ, кој ја презема функцијата од Дамјан Манчевски од СДСМ.
-Ќе има јасен план за спојување и укинување на постоечки институции или за нови институции неопходни согласно со процесот за преговори за членство во ЕУ. Со оглед на фактот што кај голем дел од институциите е детектирано преклопување на надлежностите бројот на вработени во јавниот сектор ќе се намали – вели Шаќири.
Според него, трансферот на вработени од јавниот во приватен сектор е дел од воведување добра професионална активна и ефикасна реорганизирана администрација. Со редуцирање на работната сила во јавниот сектор, вели тој, нема да се оштетат вработените, а бенефит ќе има приватниот сектор каде што има недостиг на вработени.