Шаќири: Надминат е проблемот со учебниците

by Fokus

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во интервју за Факултети.мк, меѓудругото, зборуваше и за проблемот со учебниците.

„Сите учебници што се одобрени за користење во основното образование се набавени, односно испечатени и испорачани до училиштата. Реакциите беа за учебниците во прво, второ, четврто и петто одделение кои се нови и точно е дека се доцнеше со нивното печатење и испорака, затоа што и процесот на изработка и одобрување е комплексен. Но, тоа е надминато. Наскоро ќе започнеме и постапки за избор на учебници по странски јазици во основното образование и по нивно завршување, и тие ќе се испечатат и ќе се испорачаат. Воедно, ќе следува и печатење на 50-ина учебници за средно стручно образование кои се одобрени од Националната комисија за учебници и првпат ќе се користат оваа година“ – изјави министерот Шаќири.

Тој додаде и дека се подготвува нов закон кој треба да го подобри процесот на обезбедување учебници и да го подигне квалитетот на содржината во нив преку поставување повеќе филтри за контрола.

Министерот рече дека приоритет става на покрупните реформски процеси кои веќе се започнати, за да се овозможи континуитет и нивно целосно ефектуирање. Шаќири вели дека ќе се посветат на подобрување на образовната инфраструктура, не само во основното туку и во средното и високото образование.

„Мора да обезбедиме пристојни услови за настава за сите ученици и студенти. Обезбеден е убедливо најголем буџет досега за капитални инвестиции, над 18 милиони евра. Планираме изградба на 3-4 училишта, реконструкција на 118 училишни објекти, изградба на 10-ина спортски сали, нов универзитетски кампус за „Мајка Тереза“, како и да продолжи изградбата на ФИНКИ и ФФК“ – нагласува министерот.

Поврзани новости