Шахпаска: Во собраниска процедура е закон кој ќе биде основа за борба против насилството врз жената и семејството

by fokus

Предлог законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство кој е во собраниска процедура е темелот, основата во борбата против сите форми на насилство врз жената и семејството, напиша министерката за труд и социјална политика Јахода Шахпаска на својот Фејсбук-профил.

-Поддршката што ја обезбедуваме во делот на информирањето, советувањето и привремениот престој за жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство и нивните деца, жените жртви на сексуално насилство и силување, жртвите на трговија со луѓе, жртви на насилство поради сексуална ориентација и родов идентитет, посочува таа, се во согласност со стандардите предвидени во Истанбулската конвенција, вели Шахпаска.

Како што вели министерката законот предвидува надлежните институции во постапките за родово базирано насилство врз жените и семејното насилство да постапуваат итно и со должно внимание на интересите и потребите на жртвата, да ги заштитат жртвите и да придонесат за нивна реинтеграција во системот.

-Согласно законското решение кое е пред пратениците, судот има обврска, веднаш а најдоцна во рок од 24 часа по приемот на предлогот од МВР и полицискиот извештај, без да одржи рочиште да одлучи за изрекување итна мерка за заштита „отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот“, вели министерката.

Поврзани новости