Шахпаска: Во кризно време најбитни се работните места

by Фокус

Раст на гарантираната минимална помош за 300 проценти, раст на минималната и просечната плата, стабилизација на пензискиот систем, воведување на социјалната реформа, социјална пензија за граѓаните без стаж – ова е тоа што го работеше оваа Влада во претходниот мандат и продолжува и во тековниот, истакна министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска на штипската ТВ Стар.

-Во време на пандемија, сите заложби се насочени кон премостување на кризата преку зачувување на работните места, да се помогне на најранливите граѓани, да се одржи функционирањето на компаниите. Преку олеснети критериуми за влез во системот за гарантирана минимална помош, детски и образовен додаток, граѓаните полесно остваруваат право на помош – истакна Шахпаска.

Во однос на прашањето за новостите од Законот за работни односи, министерката потенцираше дека се работи за системски закон, што ги опфаќа сите прашања од сферата на трудот, должината на работното време, флексибилното работно време, работа од далечина, сезонска работа, бенефиции, породилно боледување.

-Во врска со боледувањата, каде што првично исплатата за јавниот сектор беше 100 проценти, за заболените од Ковид-19 и оние во изолација, имавме жестока реакција, затоа изработивме информација во која се повикуваме на Законот и колективни договори. Со тоа ги изедначивме сите работници, без разлика дали се јавен или приватен сектор – рече Шахпаска.

Како што порача таа, работодавачите имаат обврска согласно Колективен договор да исплатат К-15, но тоа зависи од финансиската состојба на компанијата.

Поврзани новости