Шахпаска: Сите кои се вклучени во згрижувањето на децата од претшколска возраст при најмал сомнеж за Ковид-19 да алармираат

by Fokus

Утрово со работа почнаа градинките во државата, а министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, беше во посета на градинката „Буба Мара“ во Општина Аеродром.

Директорката на градинката информирала дека денот успешно започнал, децата дошле во градинка заедно со своите родители, а при влез биле запазени сите протоколи за заштита од Ковид-19.

Шахпаска појасни дека протоколот којшто Комисијата за заразни болести го усвои многу јасно ги одредува обврските на сите. Утрово многу добро се одвивал приемот на децата во градинката. Протоколот предвидува посебен режим за исхрана, потоа регулира како ќе се одвива одморот, спиењето, играњето на децата во градинките.

– Проценките на МТСП велат дека согласно протоколот во градинките има место за повеќе од 19.000 деца. Предност имаат деца на самохран родител или родители кои работат, а двајцата мора да се на работното место. Според податоците од градинките нешто повеќе од 14.000 деца се пријавени за посетување градинка, а има место за повеќе од 4.000 деца. Апелирам до сите чинители кои се вклучени во згрижувањето на децата од претшколска возраст при најмал сомнеж за Ковид-19 кај детето да алармираат. Министерството за здравство донесе посебни протоколи според кои се постапува со децата кои се сомнителни на Ковид-19 – рече Шахпаска.

Таа апелираше воспитувачките и учителките да седат цел ден во својата група, да нема групирање за пиење кафе, за да се заштитат сите од ширење на болеста.

Одговарајќи на новнарско прашање дали е вистина дека една градинка во Свети Николе не почнала со работа утрово, таа рече дека нема информација, а ако не почнала градинката со работа, затоа што се јавил сомнителен случај со Ковид-19, тоа значи дека се почитуваат мерките и протоколите.

Директорката на градинката Јелена Стаменкова, рече дека утрово со почитување на мерките за заштита почнал прием на деца. На децата, родителите и вработените пред влез во градинката им се мери температура. Додаде дека досега половина од децата кои посетуваат градинка донеле потребни документи, а останатите се надева дека наскоро ќе ги достават.

Стаменкова вели дека имаат доволно персонал за да се згрижуваат децата и во помали групи.

Поврзани новости