Пописот e најмасовна, најобемна, најверодостојна статистичка и во никој случај политичка операција, која претставува важен индикатор за состојбата во која се наоѓа населението. Како Министерство кое во фокусот ги има најранливите групи на граѓани, децата, работниците, пензионерите, лицата со попреченост, имаме реална потреба од попис организиран согласно стандардите на Обединетите нации и според правилата на Евростат, истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во видеообраќање до граѓаните.
„Податоците од пописот ќе овозможат на вистински начин да ги планираме политиките во пензискиот систем, за да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани. Како држава имаме обврска да се грижиме за лицата со попреченост и да обезбедиме нивна целосна инклузија. Тоа е возможно само со скенирање на реалната состојба на теренот. Пописот не е наш избор, тоа е наша обврска. Должни сме да креираме стратегии и политики кои одговараат на потребите на граѓаните и кои ни ја отвораат европската перспектива, истакна министерката, додавајќи дека ова се само дел од прашањата чии одговори ќе може да се добијат со спроведување на пописот, а тоа ќе овозможи дефинирање на реалните потреби на населението“, вели Шахпаска.