Шахпаска е најгорда на „недела-неработен ден“

by Fokus 12:06
12:06

Министерството за труд и социјална политика е ресор со многубројни предизвици, кои пандемијата на Ковид-19 ги направи уште поголеми. И токму затоа мојата одговорност беше уште поголема да се одговори на предизвиците и на вистинскиот начин и навреме да се адресираат потребите на граѓаните“, оцени министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во своето обраќање преку социјалните мрежи, во кое сублимира дел од проектите на кои таа се посвети во својот мандат.

„Во целиот период на пандемија, преку доследно почитување на Протоколите, обезбедивме безбедно згрижување на дечињата од предучилишна возраст во градинките. За 16 месеци изградивме и отворивме 16 нови градинки, а дополнителни осум се завршени и до почетокот на пролетта ќе бидат ставени во функција. За полесно премостување на пандемијата со Ковид-19, спуштајќи ги критериуми го олеснивме влезот на ранливите категории граѓани во системот на социјалната заштита, со што нови 9.000 домаќинства користат гарантирана минимална помош“, информираше таа.

„Како социјалдемократ – битката за работничките права ми беше еден од врвните приоритети. Затоа, усвојувањето на Законот, кој предвидува дека НЕДЕЛА Е ДЕН ЗА НЕДЕЛЕН ОДМОР за над 92 процента од работниците, на кој интензивно работев со работниците и работодавачите, ме прави особено горда. Искрено верувам во концептот „Едно општество за сите“ и затоа Законот за спречување и заштита од дискриминацијата го поднесов во процедура на петтиот ден од мојот мандат и беше консензуално изгласан и од власта и од опозицијата. Борбата за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство е моја мисија во политиката. Преку процесот на усвојување на Законот за спречување и заштита од насилството врз жените и семејното насилство ги обединив, пред сѐ, жените и од власта и од опозицијата во македонското Собрание. Насилството врз жените е натпартиско прашање, кое ги обединува сите жени затоа што тоа не препознава политичка, верска, религиска, интелектуална или образовна припадност. И од оваа борба не се откажувам“, порачува министерката Шахпаска.

Поврзани новости