Владата и Собранието итно да спроведат постапка за избор или назначување вршител на должноста главен државен ревизор со што би се обезбедил основниот предуслов за континуитет во извршувањето на законските функции на Државниот завод за ревизија и заштита на правата од работен однос на вработените, побараа денеска Синдикатот на финансиските дејности на Македонија (СФДМ) и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Според синдикатите, решавањето на ова прашање добива зголемена тежина со најавата за одржување предвремени избори во државата, а со тоа, потенцираат, постои реална опасност уште повеќе да се одложи изборот на главен државен ревизор. Во тој случај, институцијата и вработените ќе бидат целосно блокирани на неопределено време, што ќе доведе до немање контрола врз трошењето на јавните пари.
-Штетните последици од ваквата состојба се: неможност за целосна реализација на програмата за ревизија за 2019 година, недоставување на конечните ревизорски извештаи од веќе извршените ревизии и/или ревизиите коишто се во тек, недонесување на планот за ревизија за 2020 година, неможност за подмирување на режиските трошоци на ДЗР, неможност за остварување на правата од работен однос на вработените при што нема да може да се исплати плата, надоместоци и додатоци, пензионирање и сл., со што вработените би биле надвор од системот на пензиско и социјално осигурување, стои во соопштението.
Откако во декемрви 2017 година истече мандатот на главниот државен ревизор, а на 4 октомври годинава и на заменикот главен државен ревизор ДЗР остана без законски застапник. Оваа состојба, укажуваат синдикатите, значи дека институцијата којашто врши ревизија над финансиското работење на државните органи, општините, буџетските корисници, јавните друштва, трговски друштва каде државата е доминантен акционер, агенциите и други институции основани со закон, политички партии, корисници на средства од ЕУ и други меѓународни институции, од 4 октомври е практично блокирана во извршувањето на своите активности пропишани со закон.