Сезонските земјоделски работници во Македонија: Невидливи и незаштитени

by irena 18:57
18:57

Во најжешките месеци од годината, илјадници сезонски работници го носат товарот на македонското земјоделство – по 10 до 12 часа дневно, под отворено небо, без формални договори, здравствено и пензиско осигурување или институционална заштита. Тие се незаменлив дел од аграрното производство, но остануваат во сивата зона на трудот – невидливи, незаштитени и често изложени на експлоатација.

„Имам 56 години, три деца и четири внучиња. Веќе четиринаесет години секое лето одам на дневница да собирам цреши во едно село близу Охрид, прво за да ги школувам децата, потоа за свадби, а денес за внуците. Одам за некој денар плус да земам, мала ми е платата и мора нешто плус. Ние сме група од пет жени што секоја година одиме со една кола. Дневницата полека порасна на 1500 денари, солидно. Имаме и ручек секој ден.“ сведочи анонимно за Фокус, берачка на цреши од Охрид.

Што значи да се работи „на сиво“?

Работата „на сиво“ значи дека овие лица формално не постојат како вработени: не добиваат придонеси за пензиско и здравствено осигурување, немаат право на боледување или отштета при повреда на работа, ниту можност за формална жалба доколку не ја добијат ветената плата или таканаречената дневница.

Според проценките на експертите, оваа појава е најизразена токму во земјоделскиот сектор, каде што сезонската природа на работата, ниската профитабилност и слабата контрола од државата создаваат идеални услови за неформално вработување.

„Актуелната состојба со сезонската работа во земјоделскиот сектор во Северна Македонија е исполнета со бројни предизвици, особено кога станува збор за работниците кои се ангажираат неформално – односно „на сиво“. Овие работници често се вклучени во земјоделски активности без склучен формален договор, што значи дека се лишени од најосновните работнички и социјални права.“ додаде Даниела Цветаноска, претседател на здружението ЛАГ Агро лидер.

Покрај економските и законските фактори, неформалната работа во земјоделството често е поддржана и од културни и историски обрасци на однесување. Земјоделскиот труд, особено во руралните средини, традиционално се доживува како семејна или заедничка обврска, а не како формална економска активност што подлежи на јасни регулативи и оданочување. Ова придонесува за толерантен однос кон неформалноста, и покрај негативните последици што ги носи.

Овој намален интерес од властите за неформалните активности во земјоделството можеби придонел за развојот на неформалната економија. Земјоделскиот сектор се смета за еден од главните двигатели на неформалната економија.

„Неформалната вработеност во секторот земјоделство во Р. Северна Македонија во 2022, согласно последните податоци, изнесува 42,834 неформално вработени, што значајно ја надминува неформалната вработеност во останатите сектори. Од вкупниот број на неформално вработени лица во дејноста земјоделство, шумарство и рибарство се вработени 51% од неформално вработените работници. Неформалната вработеност во земјоделството традиционално апсорбира значаен дел од машката работна сила, што претставува аргумент повеќе за значајното отстапување на мажите во споредба со жените во неформалната вработеност.“ објаснува Цветаноска, претседател на здружението ЛАГ Агро лидер

Според податоците од здружението ЛАГ Агро Лидер, сивата економија во Северна Македонија учествува со околу 33% од Бруто домашниот производ. Над 40.000 лица работат неформално во земјоделскиот сектор, што претставува повеќе од половина од вкупниот број на лица кои се ангажирани „на црно“ во државата. Со цел подобрување на оваа состојба, здружението изработи документ за јавна политика со конкретни предлози, меѓу кои се: зголемување на институционалната одговорност, задолжително пријавување како правни субјекти на сите кои обработуваат повеќе од еден хектар земјоделска површина, воведување на фискализација на зелените пазари.

Од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството објаснуваат дека досега неформалната работа не била услов за добивање субвенции, но тоа наскоро ќе се промени.

„Агенцијата согласно закон е надлежна за реализација на мерките за финансиска поддршка а МЗШВ е надлежно за утврдување на политиките во земјоделството. Согласно досегашните законски решенија неформалната т.е. сезонската работа не е услов за доделување на финансиска поддршка. Следејќи го законодавството на ЕУ и неговата апроксимација со националното законодавство, во завршна фаза е подготовка на нов Закон за земјоделство и рурален развој, според кој правото на директните плаќања (субвенции) се ограничува со исполнување на социјална условеност, односно со исполнување на правата од работниот однос. Агенцијата ќе применува административни казни во форма на намалување до целосно исклучување на земјоделското стопанство од директните плаќања врз основа на сериозноста, обемот, времетраењето или повторувањето на утврдената неусогласеност. Административните казни ќе се применуваат за корисници кај кои се утврдени прекршувања врз основа на податоци добиени од Државниот инспекторат за труд за утврдени прекршувања на права од работен однос преку извршен инспекциски надзор.“ велат од Агенцијата за за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Од таму најавуваат дека ќе применуваат административни казни, вклучително и намалување или исклучување од субвенции за земјоделски стопанства кај кои ќе се утврдат прекршувања на работнички права. Овие податоци ќе се добиваат од Државниот инспекторат за труд, кој преку инспекциски надзори ќе го утврдува степенот на несогласеност со трудовото законодавство.

Труд без права е труд без иднина

Сезонските земјоделски работници се основата на домашното производство. Но нивниот труд сè уште не значи и достоинствен живот. Додека не се воведат системски мерки за формализација, едукација и заштита – тие ќе останат во сенка, со кревка егзистенција и без социјална сигурност. Даниела Цветаноска, истакнува дека активностите предвидени со Акцискиот план на Министерството за финансии се насочени кон поддршка и стимулација на формализацијата на неформалните активности преку зголемување на погодностите за влегување во формалната економија.

„Така, на страната на побарувачката треба да се предвидуваат стимулации и превентивни мерки за премин кон формални производи и услуги преку намалување на трошоците за истите и обезбедување еднакви услови за сите компании. Кај понудата, формалноста треба да се поттикнува и ќе се поттикнува во рамки на целиот синџир на добавување, преку стимулативни мерки (и даночни погодности) за целосно формалните компании“, предупредува Даниела Цветаноска.

Сезонските земјоделски работници се основата на македонското земјоделство, но нивната непријавена и несигурна работа создава сериозни социјални и економски предизвици. Само со системски и комплексни мерки за формализација, поддршка и едукација, како и со строго почитување на законите и заштита на правата, може да се создаде фер и одржлив сектор кој ќе овозможи подобар живот и за работниците и за целото општество.

Пишува: Сара Танаскоска

Слични вести