Северот на Косово е се уште блокиран

by Фокус

Граничните премини Јариње и Брњак се уште се затворени и покрај одлуката на Косово да го одложи за 30 дена спроведувањето на мерките за менување на српските регистарски таблички и документи за еден месец, јавуваат српските медиуми.

Барикадите на патиштата Јариње-Косовска Митровица и Брњак-Косовска Митровица не се отстранети, тешки товарни возила сè уште ги блокираат овие патни правци. На патот Јариње-Косовска Митровица има барикади на три места, а, според Н1, на патот од Зубин Поток кон Косовска Митровица во месноста Зупче сè уште има тешки товарни возила, така што е невозможно да се стигне до Косовска Митровица.

Сообраќајот на преминот Мердаре се одвива нормално, јавува репортерот на РТС. Синоќа имаше колона од пет до шест километри, на преминот се чекаше час и половина, но од утрово нема метежи и се чека само 10 минути. На преминот чекаат Албанци кои се враќаат од западните земји на одмор во татковината.

Владата во Приштина утрово го одложи спроведувањето на мерките за менување на српските регистарски таблички и документи за еден месец, по средбата на косовскиот државен врв со американскиот амбасадор Џефри Ховени. САД побараа спроведувањето на одлуките да се одложи за 30 дена. Овој чекор го поздрави специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

Поврзани новости