Семејството Нешкоси поднесе кривични пријави за Груевски, Мијалков, Јанкулоска и Митровски

by Фокус

Семејството Нешкоски денеска до Јавното обвинителство поднесе кривични пријави против Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска и Дејан Митровски, за убиството на Мартин Нешкоски.

Првата е поднесена против Дејан Митровски-Урко, кој, како што велат, спротивно на член 154 од Законот за МВР со усна наредба го прераспоредил Игор Спасов, кој тогаш како вработен во МВР и распореден во единицата за специјални задачи, на работна позиција обезбедување на простор на партиска прослава на ВМРО-ДПМНЕ по победата на парламентарните избори во 2011 година.

– При вршењето на службените задачи, Игор Спасов го уби Мартин Нешкоски на 6 јуни 2011 година. Второосомничената Гордана Јанкулоска не изготвила писмена наредба согласно член 154 од Законот за МВР и заедно со третоосомничениот Сашо Мијалков и четвртоосомничениот Никола Груевски свесно и намерно прикривале информации за истрагата за судската постапка за убиството на Мартин Нешкоски, кои би помогнале за утврдување на фактичката состојба. Затоа утре во 18 часот ќе се одржи протест. Зборно место ќе биде пред владата на крстосницата на булеварите Св. Климент Охридски и Илинден. Митингот ќе биде под мотото „Убиство кое не смее да остане во тајност“, затоа што тоа не е само убиство, туку убиство кое до крај треба да ја задоволи правдата. Ги покануваме сите граѓани за да и пратиме порака на владата стоп за полициската бруталност и за непочитување на Уставот и законите – изјави Сашо Петрески, чичко на убиениот Нешкоски, кој додаде дека нема верба во обвинителството, но мора тука да ја бараат правдата.

Утре, на денот на годишнината од смртта, е закажан протест- правда за Мартин на кој ќе се бара одговорност на власта и надлежните институции за убиството на Нешкоски.

Големи протести се одржа пред владата на 5-ти мај откако опозициска СДСМ ја објави бомбата за обидот на власта да го прикрие случајот.

„Убиство што не смее да остане во тајност! Правда за Мартин Нешкоски, правда за сите… и по 4 години од грозоморното убиство на Мартин од страна на припадник на МВР и дел од обезбедувањето на Груевски, народот не престана да се бори за откривање на одговорноста на институциите, кои сè уште ја лажат цела Македонија и ја прикриваат вистината злоупотребувајќи ги институциите за свои лични криминални цели. Затоа во Сабота во 18 часот да одиме пред Влада за да побараме да профункционираат институциите во Македонија за секој граѓанин подеднакво и да одговараат крвопијците, алчни само за политички поени“, стои во повикот за протестот именуван „Правда за Мартин Нешкоски… Нема правда?! Нема мир!!“.

Поврзани новости