Семејството на Оливер Драгојевиќ ќе ги тужи сите кои без нивна согласност ќе го користат неговото име

by fokus

Семејството на починатата музичка ѕвезда Оливер Драгојевиќ ќе покрене судски постапки против секој кој без нивна согласност ќе го користи неговото име со цел промовирање на некој настан, маркетинг, концерти, приредби и слични настани.

Информацијата дека секој кој во негова чест планира да организира било каков настан, неговото творештво да го користи како свое, без писмено одобрување од семејството, тие ја објавиле на неговиот официјален Фејсбук профил. Наведуваат дека во случај на неовластено користење на личните податоци на Драгојевиќ, на неговото музичко и останато творештво, посебно во случај на стекнување на материјална корист, преку нивниот адвокатски тим ќе покренат судски постапки, за заштита на неговите права, и ќе бараат надоместок за сторена штета без никакво претходно известување или пак предупредување.

-Почитувани! Семејството на покојниот господин Оливер Драгојевиќ ја информира јавноста и сите кои во негова чест сакаат да организираат било каков настан, или неговото име и музичко творештво да го користат како свое, или за потребите на некоја компанија, дека на темел на законот за заштита на лични податоци, а посебно на уредбата на Европската Унија бр. 2016/679 на Европскиот парламент и Совет, од 27-ми април 2016 година, за заштита на поединци, во врска со обработка на лични податоци и за слободниот тек на тие податоци, секое неовластено користење и обработка на личните податоци се смета противзаконски. Забележано е дека има намери името на покојниот господин Оливер Драгојевиќ да се користи во комерцијални цели, кои според законите и одредбите на ЕУ се сметаат за противправни. Уметничката вредност на неговото име претставува лична вредност за неговото семејство, и неизоставен дел од целокупната хрватска музичка оставнина. За да го сочуваме споменот на Оливер, сметаме дека е неопходно да учествуваме во секој дел и да го условиме користењето и евентуалната идна обработка на негови лични податоци, творештво, и сите конотации и симболи, со наша писмена согласност – наведено е во обраќањето на фамилијата Драгојевиќ.

Поврзани новости