Семејството е столбот на се, од таму почнува мојата мисија да го направам Аеродром подобро место за живот!

by fokus

ТВ водителот на музички емисии и во минатото долгогодишен музички директор на фолк фест Валандово, Орце Гелевски, влегува во политиката. Тој е носител на советничка листа за Општина Аеродром, ,,Храброст за промени”.

За ,,Фокус” раскажува дека цели 40 години живее во Аеродром и добро ги познава проблемите и недостатоците во општината, како и дека верува дека ќе може да придонесе во подобрување на состојбата во повеќе сфери.

-Од Интегра ми предложија да бидам носител на советничка листа, бидејќи сум добро упатен во тематиката, но и разочаран поради тоа што на некој начин сите ние постојано тонеме. Решив да прифатам и да дадам свој придонес работите да тргнат напред. Генерално, состојбата во земјава мора да се подобри, иако ова е на локално ниво, верувам дека ќе можам да помогнам со своите познавања на проблемите, исто така познавам луѓе од сите области кои можат да се вклучат во враќање на сјајот на Аеродром – раскажува Гелевски.

Појаснува дека си останува на неговата примарна професија, водителството, има среден семеен живот, посветен е на фамилијата, но чувствувал дека може да допринесе и во општеството.

-Слободното време го минувам со сопругата, со внуците. Знам дека направив грешка, кога се разделив од неа, но таа е една прекрасна жена и благодарен сум на шансата и довербата која ми ја даде. Сега сме повторно заедно, како никогаш да не сме биле разделени.

Среќен сум што ја имам поддршката на семејството, бидејќи сфатив дека тоа е столбот, тоа е најважното нешто во животот, и од таму почнува мојата мисија да го направам Аеродром подобро место за живеење, воден од најголемите животни вредности. Јавна личност сум, јасно ми е дека секој детал од мојот живот е под лупа на народот, верувам дека нема да ги разочарам гласачите, затоа што сум решен да го дадам најдоброто од себе, за подобра иднина на сегашните и идните генерации – порача Гелевски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости