Селмани: Има индиции за свесно уништување на МПМ, ако на директорката и била понудена плата од 25.000 евра

by fokus

Уништување на МПМ е еклатантен пример за што служат медиумите во Македонија- медиумите не постојат за информирање на граѓаните, туку за политичка пропаганда на власта во заминување која остава пустош зад себе, реагира Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

-Она што загрижува во случајот со МПМ е тоа што има сериозни индиции дека компанијата свесно се уништува оставајќи без егзистенција стотина фамилии. Менаџментот и сопствениците молчат во врска со информациите во јавноста дека во август 2015 кога на новинарите им се намалувале платите до 20 отсто, а на директорката Станисављева и била понудена плата од 25.000 евра. Медиумите во Македонија се корумпирани, власта во спрега со сопствениците на медиумите ги злоупотребува медиумите, примерот на МПМ е само еден дел од тој мозаик на криминал и корупција што веројатно постои и во другите медиуми – вели Селмани.

Тој во име на Здружението на новинари го осуди однесувањето на менаџментот на МПМ, кој како што кажа, не само што не успеа да ја спаси компанијата туку и се обидуваат да ги избегнат законските обврски за компензација на новинарите.

Реагира и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници кој го осуди односот на менаџментот на МПМ со новинарите.

Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис вели дека синдикатот и ЗНМ се во постапка за кривична пријава против менаџментот на МПМ за склучување договори кои не одат во прилог на компанијата  и што е дирекна причина за нејзино пропаѓање.

-Информациите за МПМ кои излегоа во јавноста се сериозна индиција која подразбира кривично гонење и ние веќе сме во постапка за кривична пријава за вклучување штетни договори, злоупотреба на службената должност која што свесно ја однесе фирмата во финансиски тешкотии, ги намали платите на новинарите и на крај дојде до затворање на печатените изданија на весниците и на оставање луѓе без работа – вели Чаусидис.

Синдикатот на новинарите и медиумските работници бара од институциите да влезат во МПМ и да истражат што точно се случува и за какви договори се работи.

 

Поврзани новости