Како ќе изгледа новата влада: Шеќеринска за одбрана, Спасовски за внатрешни, Бесими за финансии, Арифи за надворешни?

by Фокус

Откако парламентарното мнозинство го избра Талат Џафери за претседател на парламентот, мандатарот Зоран Заев го чека мандатот од претседателот Ѓорге Иванов за формирање на нова влада, по што ќе почнат преговорите за составување на идниот владин кабинет.

Како што брифираат добро упатени партиски извори за Фокус, партиите што го сочинуваат новото парламентарно мнозинство начелно се договориле 7 министерски ресори да добие водечката партија – СДСМ, додека 7 треба да си поделат албанските партнери, на чело со ДУИ.

Според нашите информации, партијата на Али Ахмети треба да добие 5, а Алијансата на Албанците предводена од Зијадин Села 2 министерски места, но ваквиот соодонос при распределба на министерските ресори може да го наруши евентуалното учество на БЕСА во владата, кое е се уште неизвесно.

Пред да почнат официјалните преговори за формирање на влада, никој не сака да говори и да шпекулира за можните кадровски решенија, меѓутоа неофицијално излегуваат неколку имиња на најсериозни претенденти за одреди ресори.

Иако се уште не е решено како ќе бидат поделени моќните министерства за внатрешни работи и за финансии меѓу главните политички партии, сепак, сознанијата говорат дека поголеми шанси има МВР да го раководи СДСМ преку генералниот секретар Оливер Спасовски, додека финансии да замине во рацете на „интегративците“, поточно кај Фатмир Бесими.

Што се однесува до двата ресори кои имаат директна врска со македонските евроатлански интеграции, пак, заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, најверојатно ќе биде нова министерка за одбрана, а потпрестедателката на ДУИ, Теута Арифи, ќе биде идна министерка за надворешни работи.

По се изгледа, социјалдемократите ќе раководат со министерството за култура, како и со министерствата што ги предводеа или контролираа во преодната пржинска влада преку Љупчо Николовски, Александар Кирацовски и Фросина Ременски – земјоделство, информатичко општество и администрација и социјална работа и политика, со тоа што постои опција труд и социјала да го добие и некоја од албанските партии.

Ако „интегративците“ уште отсега сигурно можат да сметаат на министерството за локална самоуправа, неизвесно е дали партијата ќе успее да се избори за атрактивното и влијателно министерство за транспорт и врски, со оглед дека буквално сите други потенцијални владини партнери имаат амбиција да го водат овој моќен ресор.

Инаку, Алијансата за Албанците треба да добие две министерства во конкуренција на министерствата за здравство, образование, економија, животна средина, додека преостанатите практично одат кај СДСМ и ДУИ.

Меѓутоа, доколку во владата партиципира БЕСА, ваквата поделба пропаѓа од причина што партијата, согласно постигнатиот резултат на изборите, ќе треба да добие 3 министерски места, по едно на сметка на СДСМ, ДУИ и Алијансата.

Останува да се види дали партиите ќе влезат во владата со исклучиво тврди и проверени партиски кадри, или, пак, ќе изненадат со свежи и некомпромитирани личности на одредени позиции, како за министри, така и за вицепремиери, односно министри без ресор.

В.С.

 

 

Поврзани новости