Струшкиот градоначалник Зијадин Села, во емисијата „Патот кон“ на Алсат-М, најави дека ќе го оспори легитимитетот на лидерот на ДПА Мендух Тачи по партискиот конгрес, кој треба да се одржи утре.
– Веќе најавив дека ќе го оспорам легитимитетот на Тачи. Се уште не е дојден 12 октомври, а тој е познат по големите кривини што ги прави од 180 степени. Ќе го чекаме тој таканаречен конгрес и потоа ќе му го оспорам легитимитетот. ДПА е многу повеќе од она што го претставува Тачи. ДПА не е партија на хакерски лидери, ДПА не е партија која кокетира со луѓе од службите. ДПА е партија на Арбен Џафери и на луѓето кои страдале од системот и биле поранешни политички затвореници – рече Села, кој го предводи Движењето за реформи во ДПА.
Тој повтори дека услов за задржување на унитарниот карактер на Македонија е дводомен парламент и добра децентрализација.