Централното Собрание на Алијансата за Албанците денеска во Гостивар ќе одржи редовен состанок на кој ќе се разгледуваат состојбите на партијата и ќе се направат подготовките за партискиот конгрес.
Партиски извори за МИА брифираат дека меѓу темите ќе биде и одлуката дали Алијансата за Албанците ќе остане во владината коалиција.
Премиерот, Зоран Заев, пред два дена изјави дека владините партнери веќе се договориле за испразнетите министерски места и дека предлозите се веќе испратени до Собранието. Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, до последен момент го бараше министерството за здравство, што за Заев било неприфатливо. Села не се задоволуваше со вицепремиерско место за реформи, кое го спореди со министертво за носење на бурек.
По средбата со Заев во четвртокот, Села порача дека ќе остане во Владата додека трае процесот на реформи.