Гарет за притворените пратеници: По се изгледа дека упадот во Собранието беше организиран

by fokus

Амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет, вели дека останува ризикот од нова политичка криза поради бојкотот на опозицијата во парламентот и во градските совети. Во интервју за „Радио слободна Европа“, Гарет го коментира и притворањето на пратениците поради нивната инволвираност во собраниските настани од 27-април.

Според Гарет, постојат индиции дека она што се случи во Собранието било организирано. Тој вели дека истрагата ќе го стави на тест процесот за реформи во правосудството.

„Прашањата за притворите треба да ги одговорат официјалните лица од судството и обвинителството. Прашањата за повлекувањето на имунитетот за притвор на пратениците е секако работа на самиот Парламент. Не е на мене како странски дипломат да зборувам за тоа, но треба да се фокусираме на фактот дека настаните од 27 април беа екстремно насилни настани и од она што слушам и јас и другите и што видовме од снимките од таа вечер по се изгледа дека барем дел од тоа беше организирано. Сега ова е многу сериозно прашање и потребна е многу сериозна истрага проследена со процесот на владеење на правото. Јас мислам дека секој во Македонија во голема мера го разбира и се согласува со тоа и не ми е јасно на мене како бојкотот на Парламентот може да помогне во постигнувањето на таа цел“, порачува амбасадорот.

Според него претстои тешка задача за следната година Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, но дека е оправдан оптимизмот на Заев, кој очекува датум за пристапни преговори со ЕУ до јуни 2018 година.

„Мислам дека имате многу висок рид на кој треба да се искачите за да стигнете таму до средината на наредната година. Има многу што да се направи во планот 3-6-9, како и во заробената држава, секако треба да се адресира и прашањето со името. Ова се работи кои целосно и директно не се под контрола на Владата во Македонија, така што може да направите колку што сакате, но се уште зависите од луѓе да направат работи. Така што престои тешка задача, но е апсолутно правилно да се биде оптимист. Знаете ако не целите високо нема да постигнете големи работи“, посочува Гарет.

Поврзани новости