Утре лидерите на најголемите четири партии ќе се обидат да изнајдат решение за политичката криза. Иако постоеше можност, сепак еврокомесарот Јоханес Хан нема да пристигне, но според информации од Брисел, ќе биде во постојан контакт со лидерите за да помогне со своите сугестии и предлози.
„Се надевам на подобрување и се надевам на први конкретни резултати. Ако добро разбрав од извештаите, сите се решени да направат сериозен напредок и тоа е во интерес на сите нас“, изјави еврокомесарот Хан.
Но, она што е клучно е дека Груевски и Заев, како клучни играчи во преговарачкиот процес, остануваат на цврстите позиции. Груевски неколку пати веќе при јавните настапи потенцираше дека нема намера да се повлече од премиерската позиција, што пак, е главното барање на Заев.
Со рововски позиции ќе започне утрешната лидерска средба, но со оглед на преземената обврска со потпишување на политичкиот договор од втори јуни, останува, иако за сега само како надеж, дека нешто може да се промени.