ЛГБТИ: Хомофобичното раководство на МРТВ да замине

by Фокус

ЛГБТИ заединцата преку протест и со положување на венец го повика раководството на МРТВ да поднесе оставки затоа што шири хомофобија.  Од оваа граѓанска мрежа заклучуваат дека со актуелната политика јавниот сервис е мртов. Во нивното соопштение стои:

-Денес, на последното протестно обраќање во рамки на Неделата на гордоста, Националната мрежа против хомофобија и трансфобија побара целиот уреднички и раководен тим на МРТВ итно да си даде оставка и да ја ослободи МРТВ за да може да биде јавен сервис за сите граѓани. До тогаш, оваа институција е мртва!

МРТВ како јавен сервис има обврска да ги штити правата и да известува за правата на најмаргинализираните. Но, наместо тоа МРТВ е пропагандна машинерија на врхушката на власт, во која послушните уредници подготвуваат нарачани прилози. МРТВ досега нема известено за ниту еден протест пред основното јавно обвинителство, нема известено за ниту една Недела на гордоста, за ниту еден проблем на ЛГБТИ заедницата, никогаш нема покането во емисија или побарано изјава од ЛГБТИ активист(к)и.

На барањето за емитување на Кампањата против насилство врз ЛГБТИ заедницата „Македонија има љубов за сите“, одговорот од МРТВ беше дека правата на ЛГБТИ луѓето не спаѓаат во јавен интерес и со тоа оваа кампања не може да се емитува на јавниот сервис. Дополнително на тоа, Претстедателот на Советот за радиодифузија, Зоран Трајчевски, изјави дека интересот на една мала група, за која тој не смета дека и се повредени „таканаречените права“ и која ја споредува со здружението на пчелари, не може да биде од интерес за останатото население кое е мнозинство.

Од друга страна пак, преку националниот сервис се емитуваат владините кампањи за семејни вредности и многудетни семејства, кампањата против абортус и верно се пренесуваа хомофобичните изјави на на владините претставници. Со сето ова МРТВ е директен соучесник во ширењето шовинизам, мизогенија, хомофобија и трансфобија во нашата земја и затоа, се додека тековниот уреднички и раководен тим  не ја ослободат, ја прогласуваме оваа институција за мртва.

Во изминатите два дена, активистите на Националанта мрежа против хомофобија и трансфобија имаа протестни обраќања и пред Основното јавно обвинителство и пред Владата на Република Македонија. Беше прогласен мораториум и на овие институции заради нерешавањето на случаевите на насилство врз ЛГБТИ заедницата, заради непреземањето никакви мерки за осудување на насилството, но и за континуираното интегрирање на хомофобијата низ сите сегменти на општеството.

Поврзани новости