Откако Васе Доневски, поранешен директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, и сопственикот на „Секјуриком мултисервис интернационал“, заработија кривични пријави од Финансиската полиција, под сомнение дека ја злоупотреба на сложбената положба за наводно местење на тендер, со реакција се јавија од компанијата.
Во продложение ја објавуваме реакцијата на компанијата во целост:
„Во врска со обвинувањата кои излегоа во медиумите, сакаме да ја информираме јавноста дека информациите кои произлегоа се целосно неосновани. Како компанија, ниту еднаш досега не сме влијаеле за некој тендер, ниту пак сме злоупотребиле било каква положба која сме ја имале со што би стекнале противправна имотна корист. Сите договори со клиентите и добиени тендери од државни институции се законски добиени, согласно законските прописи. Сите наши договори биле јавно достапни. Она кое е важно да се напомене е дека сумата која се споменува во јавноста е за период од 3 години, и од неа биле исплаќани плати и придонеси за 500 лица кои работеле за потребите на службата.
Групацијата Секјуриком претставува лидер во своето работење веќе 18 години. Како компанија, која е странска инвестиција, својата професионалност во работењето сме ја покажале низ годините за што е потврда и долгогодишното постоење. Секјуриком директно влијае врз македонската економија вработувајќи повеќе од 1400 лица. Максимално сме посветени за своите клиенти, правни и физички лица, како и државни институции и постојано работиме на зголемување на услугите кои ги нудиме, овозможувајќи сигурност, безбедност и комфорт кај секој од нив со нашето работење. Исто така низ годините во повеќе наврати сме покажале дека Секјуроком е општествено одговорна компанија која инвестира постојано во заедницата.
Затоа уште еднаш сакаме да ја информираме јавноста дека Секјуриком е компанија која работела и ќе работи по законите и ниту еднаш не ја злоупотребила својата позиција. Нашата работа е транспарентна и сите договори биле јавно достапни и секогаш сме биле отворени за комуникација за секое прашање и информација“, се вели во реакцијата на компанијата.