По еден месец откако компанијата „Секјуриком“, односно нејзиниот сопственик и управител, доби кривична пријава од Финансиската полиција, доби и тендер од Министерството за внатрешни работи (МВР), во вредност од речиси 36.000 евра.
Склучениот договор денеска беше објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки, а бил потпишан на 25 април годинава. Во него се појаснува дека МВР набавува „Услуги за чистење на објекти и услуги за управување со имот“, во период од 14 месеци. Во појаснувањето е наведено и дека е избрана компанијата која понудила најниска цена.
Во март, пак, Финансиската полиција поднесе две кривични пријави во врска со сомнителниот тендер за чистење на Владата од 2015 година, но сепак компанијата продолжи да функционира и да учествува на тендери. Кривичните пријави беа поднесени за екс-директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Васе Доневски и на управителот и сопственикот на „Секјуриком“.
Сомнежот е дека тендерот за чистење на Владата и на владините простории во износ од 10,7 милиони евра бил спроведен на начин со кој се елиминира конкуренцијата.