Вработените во Секјуриком Мултисервис се во неизвесност дали ќе ја добијат февруарската плата, иако од први април веќе треба да ја очекуваат платата за март. Како што неофицијално дознава Фокус, австриската фирма на чија сметка месечно легнуваат милионски суми од државниот буџет доцни со исплата на месечниот приход на вработените.
Според информациите до кои дојдовме, управата на компанијата им соопштила на вработените дека плата нема да добијат во наредните 10 дена. Наспроти тоа, велат нашите извори, вработените во Секјуриком Сервис, каде се вработени лице што не вршат услуги во владините институции, туку во приватни фирми, приходите ги добиле навремено.
Нашите инфомации говорат дека хигиеничарките што работат во владините објекти често се приморани да чистат на две места, односно често пати ги прераспределуваат од работното место за да чистат во други објекти со кои Секјуриком има договор. Но, додека приходите на контото на компанијата растат, нивната плата останува на минимално ниво.
„Фокус“ испрати неколку прашања на официјалниот маил на Секјуриком Мултисервис, за да прашаме зошто доцнат со платите, но до објавувањето на текстот од таму не добивме повратни одговори.
Инаку, фирмата на австриецот Волфганг Гампер ја тресат скандали од декември минатата година, кога одлучила на вработените да им додели по 2.000 денари К-15. Овој случајот, како што дознава „Фокус“, е пријавен во институциите и во Хеллсиншкиот комитет, од каде велат дека колективниот договор не ја амнестира фирмата од обврската да го исплаќа овој додадок.
Воедно, Финансиската полиција ги чешлала документите на Секјуриком од почетокот на февруари годинава, по барањето на Хелсиншкиот комитет за вонреден инспекциски надзор. Токму од оваа институција минатата недела на прес-конференција информираа дека е поднесена кривична пријава против екс директорот на Службата за општи и заеднички работи, Васе Доневски и сопственикот на Секјуриком Гампер.
Истрагата покажала дека Доневски ги пречекорил своите овластувања и иницирал постапка за јавна набавка, испраќајки овластувања за огласот за јавна набавка до седум економски оператори, за да ја избегне обврската да побара согласност од Советот за јавни набавки. Притоа, спорно е тоа што четири од овие седум економски оператори биле во сопственост на Гампер.
Од Секјуриком реагираа дека обвинувањата биле неосновани. Од таму тврдат дека нивното работење е целосно усогласено со законот.
„Како компанија, ниту еднаш досега не сме влијаеле за некој тендер, ниту пак сме злоупотребиле било каква положба која сме ја имале со што би стекнале противправна имотна корист. Сите договори со клиентите и добиени тендери од државни институции се законски добиени, согласно законските прописи. Сите наши договори биле јавно достапни. Она кое е важно да се напомене е дека сумата која се споменува во јавноста е за период од 3 години, и од неа биле исплаќани плати и придонеси за 500 лица кои работеле за потребите на службата“, реагираа од компанијата.
Сепак, и покрај сите неправилности за кои сведочат вработените во „Секјуриком“ и за кои се сомничи фирмата од страна на финансовата полиција, актуелниот директор на Службата за општи и заеднички работи, Пеце Мирчевски на 1 декември годинава склучил договор со оваа компанија за услуги во Вила Водно и зградата на НИП Нова Македонија, каде се сместени повеќе државни институции.
Александар Тодески