За двата земјотреса кои утринава ги разбудија и исплашија скопјани, околу 7 часот, официјално информираа и од Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ.
-Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Штип, Валандово, Битола, Охрид и Крушево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес, на 11.09.2016 год., регистрираа серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат во Скопското епицентралното подрачје, информираат од Сеизмолошката опсерваторија.
Од таму појаснуваат дека два од овие земјотреси беа почувствувани во Скопје и околината.
-Првиот од нив се случи во 06 часот и 58 минути, имаше локална Рихтерова магнитуда 3.9, а беше почувствуван со интензитет од VI-VII степени според Европската макросеизмичка скала. Вториот земјотрес се случи во 06 часот и 59 минути, имаше локална Рихтерова магнитуда 2.8, а беше почувствуван со интензитет од IV-V степени според Европската макросеизмичка скала, велат од Сеизмолошката опсерваторија.