Шестмина уапсени во акцијата “Двојник” завршија во притвор во Шутка

by fokus

Судија на претходна постапка по распитот им одредил притвор на седуммина осомничени за издавање на лажни пасоши во акцијата “Двојник”.

Според информациите на Фокус од Кривичниот суд, денеска таму на распит биле деветмина приведени во оваа акција, во која осомничени се 11 лица. Еден од нив е во бегство, а еден веќе е во притвор за друга постапка за издавање на возачки дозволи. Обвинителството првично бараше притвор за осум лица, вклучувајќи го и лицето кое е во бегство и мерки за претпазливост за двајца осомничени. Но, во судот сменет е еден предлог за притвор, па за едно од лицата наместо притвор побарани се мерки за претпазливост. Судијата ги прифатил предлозите на обвинителството и на седум осомничени, меѓу кои и оној кој е во бегство, им одредил притвор, а на тројца мерки за претпазливост.

Десет од осомничените се вработени во МВР во службите за издавање на пасоши, додека едно лице, како поттикнувач, посредувало при незаконското издавање  на документи. Со две кривични пријави против нив опфатени се вкпуно 219 незаконски издадени пасоши.

Според обвинителството, првата кривична пријава се однесува на 215 незаконски издадени патни исправи, при што осомничените им овозможиле на странски државјани да се стекнат со патна исправа на Република Северна Македонија под туѓ, македонски идентитет, а со фотографија од лицето на кое му била издадена патната исправа. Притоа се користел идентитет на лица кои живеат во дијаспората.

Со втората пријава, пак, се опфатени 4 незаконски издадени пасоши при што искористени биле повеќе матични броеви издадени на 1 лице, кои не биле опфатени со постапка за нивно поништување, со цел да се креира нов идентитет, кој потоа со фотографија од лицето кое бара пасош бил употребен за да се издадат нови незаконски патни исправи.

Поврзани новости