Поднесени се 1.172 претставки до ДКСК во 2019, кај правобранителот најмногу поплаки имало за извршителите

by Фокус

 

Собранието доцна попладнево ги разгледа годишните извештаи на Антикорупциската комисија и на Народниот правобранител за 2019 година, но поради немање кворум гласањето за извештаите ќе биде дополнително закажано.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, образложувајќи го извештајот, рече дека зголемените и зајакнатите ингеренции на ДКСК ги зголемиле и очекувањата на јавноста дека се зајакнати инструментите и потребните предуслови за поефикасна превенција и борба против корупцијата во услови кога, како што рече, земјата се соочува со широко распространета корупција во сите сегменти на општествено живеење.

– Во период од 10 месеци, до ДКСК беа доставени 1.172 пријави од граѓани, здруженија, институции, со сомневања за постоење на коруптивно однесување, злоупотреба на јавната функција, постоење на судир на интереси, отвори и 245 предмети по сопствена иницијатива. Бројот на примени пријави и отворени предмети во 2019 година е поголем од вкупниот број пријави примени во ДКСК во последните пет години. Имајќи ја предвид содржината на доставените пријави, кои во голема мера се однесуваат на остварување на индивидуалните права на подносителите, може да се извлече заклучок дека тоа пред сè се должи на изгубената доверба на граѓаните во институциите на системот – истакна Ивановска.

Во Годишниот извештај на Народниот правобранител за 2019 година стои дека проблемите со кои се соочуваа граѓаните во остварувањето на нивните права во глобала остануваат иако се бележи пораст на претставките во областите социјала, здравство и правата на детето.

„Неспорен е впечатокот дека и натаму најмногу поплаки има за работата на извршителите. Проблемите тука со години остануваа исти. Граѓаните најмногу се жалат дека не биле известени за иницирање на постапките за извршување заради што биле принудени да платат неколкукратно повеќе средства од она што им се појавувало како долг. Кога станува збор за областа правосудство, за жал, како и минатата година присутна е пракса на лоша комуникација помеѓу органите на државната управа и управното судство, која е на штета на ефективна правда, па граѓаните и натаму се принудени со години да чекаат на остварување на своите права“, стои во заклучокот на Народниот правобранител.

Поврзани новости